Нов шок за Веспрем: Тоскиќ со Чурго ги запре Манасков и колегите

Дејан Манасков со Веспрем после поразот од Барселона на домашен терен имаше многу тежок натпревар на гостувањето кај Чурго, а иако домаќините во поголемиот дел од мечот беа во водство, сепак, не успеаја да го совладаат фаворитот и одиграа нерешено 33:33.

Тимот што го предводи Алем Тоскиќ одигра одличен натпервар, од почетокот имаше водство и успешно го одржуваше во сите 30 минути. На полувреме беше четири разлика, 18:14 и се навестуваше големо изненадување.

Веспрем долго во вториот дел се трудеше да ја стигне негативата и дури кон средината на полувремето успеа да израмни. Веднаш потоа и поведоа, но Чурго не се откажа. Се влезе во неизвесна завршница со игра гол за гол, а во последниот напад Веспрем имаше шанса за триумф, но ударот на Борозан го одбрани голамнот Футош за голема радост на играчите на Чурго.

Дејан Манасков на денешниот натпревар постигна два гола од шест удари, а имаше и две исклучувања. Најефикасен на дуелот беше Егон Хануш со 11 гола во составот на Чурго, додека за Веспрем, Гаспер Маргуч со седум гола беше прв стрелец.