Нов проблем за Босна – за баражот со Грција останаа и без капитенот

Капитенот на репрезентацијата на Босна и Херцеговина, Мирсад Терзиќ доживеа повреда на грбот и поради тоа ќе ги пропушти квалификациските натпревари на неговата селекција против Грција.

Отсуството на Терзиќ сигурно ќе биде сериозен удар за босанската репрезентација.

„За жал нема да можам да дојдам на собирот на репрезентацијата на БиХ. Во натпреварот во Плоцк очигледно направив некое погрешно движење и долниот дел на грбот ми остана вкочанет“.

Терзиќ имал желба да дојде и да навива за неговите соиграчи, меѓутоа и во таа ситуација се појавил проблем.

„Мислев да дојдам на преглед кај нашите доктори и да ги бодрам момците. Меѓутоа имаше компликации за патот со авион за Сараево. Ади Ахметашевиќ и јас требаше да дојдеме со автомобил до Сараево, но немаше смисла затоа што после 15 часа во автомобил ситуацијата со мојот грб ќе беше уште полоша. Докторите тука ми соопштија дека рехабилитацијата ќе трае околу две недели. Јас се надевам дека ќе биде и помалку. Така отпаѓам за двата на натпревари против Грција и нема да можам да и помогнам на екипата. Многу ми е жал, имаме повеќе проблеми во овој период. Сакав да бидам тука кога е најтешко, но за жал тоа не e можно“, изјави Терзиќ за „Н1“.

Со ова продолжуваат проблемите за селекцијата на Босна која пред само два дена остана без селекторот Ивица Обрван, а сега младиот тим ќе биде и без капитенот. Натпреварот против Грција е закажан за в среда.