Нови детали: Полицијата отвори истрага – Тот пред да почине бил нападнат oд две лица

Познати се нови детали околу смртта на ракометарот Денис Тот, и полицијата отвори и случај што ќе го истражува.

Според пишувањето на А1он, полицијата ги прегледувала камерите и забележала напад врз ракометарот.

„На снимките наводно се гледа дека две лица, дечко и девојка кои наверојатно биле во дискотеката „Привилиџ“ влегле во такси возило. Ракометарот преку прозорецот им кажал нешто и двајцата излегле од возилото и му удриле неколку шлаканици. Тот паднал на земја, а девојката неколку пати го удрила и со нога во главата, додека Тот не пружал отпор. Дечкото и девојката брзо го напуштиле местото на настанот, а брза помош повикала девојка која што го видела телото на Тот, пишува А1он“.

Инаку, денес Министерството за внатрешни работи излезе со соопштение спротивно на неофицијалните информации, но и спротивно на извештаите во хрватските медиуми кои се фокусираат на наводна физичка пресметка.

Македонската ракометна јавност ја потресе веста за судбината на младиот хрватскиот интернационалец во составот на Бутел. Во четврток во раните утрински часови 27-годишниот Денис Тот бил донесен во Ургениот центар на комплексот клиники „Мајка тереза“, во бесознание и без срцева акција. Денес тој за жал ја загуби битката за својот живот.