„Новите“ кадети ќе бркаат ЕП – стартуваат од првиот шешир во квалификациите

Машката кадетска репрезентација на Македонија, генерација 2006/2007 и помлади, ќе биде дел од квалификациите за настап на Европското првенство во Црна Гора следното лето.

Според ранкингот на ЕХФ, Македонија ќе биде дел од првиот шешир во квалификациите, и нема да игра против Австрија, Израел, Чешка и Италија.

Ќе добие уште три ривали, а најдобрите две селекции од секоја од петте формирани групи ќе обезбеди пласман на континенталниот собир.

Со реформите на младинските првенства, на ЕП ќе играат 24 селекции, а ќе има ЕХФ шампионат Б и ЕХФ шампионат Ц, на кои ќе играат елиминираните селекции од квалификациите и дополнително пријавени репрезентации.

Квалификации за ЕП 2024, кадети, шешири пред ждрепка:

шешир 1: Македонија, Италија, Чешка, Австрија, Израел
шешир 2: Полска, Швајцарија, Романија, Холандија, Украина
шешир 3: Словачка, Турција, Луксембург, Летонија, Грција
шешир 4: Финска, Литванија, Босна и Херцеговина, Косово, Естонија

Ждрепката за квалификациските групи ќе се одржи утре со почеток во 11:30 часот, а исто така и ждрепката за правото на организација на турнирите што ќе се играат во јануари 2024 година.

На ЕП во Црна Гора место обезбедија 14 селекции, односно домаќинот Црна Гора и најдобрите 13 според ранкингот – Шпанија, Шведска, Германија, Хрватска, Данска, Исланд, Унгарија, Словенија, Португалија, Норвешка, Франција, Србија и Фарски Острови.

На ЕХФ шампионатот Б ќе играат десет репрезентации што ќе бидат на трето и четврто место на квалификациските турнири. На ЕХФ шампионатот Ц веќе се регистрирани селекциите на Грузија, Бугарија, Велика Британија, Белгија и Азербејџан.