Нов женски клуб од следната сезона – ќе го водaт ракометни легенди

Женската лига за следната сезона ќе биде побогата за уште еден нов клуб. Се работи за Скопје, кој досега имаше екипи само во младинските категории, а во новата сезона ќе игра и во сениорска конкуренција. Екипата е веќе пријавена и во системот на РФМ и ќе игра во Женската лига.

Тимот на клупата ќе биде предводен од легендарната македонска репрезентативка Валентина Радуловиќ, која подолго време работеше во Шампион со сите генерации на ракометарки. Таа ќе биде и претседател на клубот, а во работата во клубот и во стручниот штаб ќе и помагаат уште две поранешни ракометарки, Андријана Будимир и Ања Алтхаус.

Клубот е дел од семејството на РК Скопје АД, кој се натпреварува во машката Супер лига, иако жените ќе бидат посебен субјект, односно Здружение. Клубот ќе пријави екипи и во две младински категории за следната сезона, пионерки и кадетки.

Радуловиќ е една од најдобрите македонски ракометарки, репрезентативка и некогашна ракометарка на Кометал Ѓорче Петров, Кабран Амбалажа од Кавадарци, како и австрискиот Хипо и данскиот Шлагелсе, со кој се искачи на врвот на Европа.