Николовска броеше до 12, Чаир убедливо славеше против Ѓорче Петров

Ракометарките на Чаир се вратија на победнички патеки по високиот пораз од Наиса Ниш во ЕХФ Купот и славеа против Ѓорче Петров со убедливи 21-34 во натпревар од 6. коло во Женската лига.

Ѓорче Петров одржуваше рамнотежа во првите петнаесетина минути. Беше 3-1 за домаќинот, па 5-4, пред гостинките да направат серија од пет погодоци и да го преземат водството со 5-9. До паузата Чаир стигна до плус седум, 11-18.

Второто полувреме беше само формалност и Чаир само ја одржа и ја зголеми разликата од првиот дел за конечни плус 13, 21-34.

Најдобар стрелец во екипата на Чаир, стандардно беше левото крило Анастасија Николовска со 12 погодоци, додека пет погодоци постигна Марија Николовска. Во домашниот тим Ива Велкова даде десет голови.