Никола Митревски заминува од Битола – избира меѓу Порто и Вардар!

Македонскиот репрезентативен голман Никола Митревски заминува од Битола по само една сезона. Тој лани потпиша договор на една година со Еурофарм Пелистер, со можност да биде соработката продолжена и оваа година, но тоа нема да се случи.

Иако уште не е официјално дека Вардар ќе се врати кај старото раководство, односно во рацете на Михајло Михајловски, веќе се бараат засилувања што ќе го пополнат ростерот за следната сезона, а едно од нив треба да е токму Митревски. Репрезентативецот беше дел од „црвено-црниот“ тим од 2007 до 2010, пред да се пресели во градскиот ривал Металург, а сега повторно е посакуван во Вардар.

Друга опција за трансфер е португалскиот клуб Порто, а доколку се оствари овој трансфер, македонскиот репрезентативец ќе се врати на позната територија. Митревски го носеше дресот на Бенфика две сезони, од 2015 до 2017 година, па не би требало да има проблем со адаптација, доколку трансферот биде реализиран. Покрај овие две опции, за Митревски има понуда и од бундеслигашка екипа.

На поголемиот дел од натпреварите во Лигата на шампионите и во СЕХА лигата, Митревски беше клучен играч на битолчани, па неговото заминување ќе остави силна трага врз Еурофарм Пелистер, кој остана и без главните алки во нападот, Ловро Јотиќ и Владислав Остроушко.