Не помогнаа ни 23 одбрани на Имсгард – Голман му ја донесе првата победа на Мешков Брест

Екипата на Мешков Брест на гостувањето во Норвешка дојде до првата победа во новата сезона во Лигата на шампионите откако на дуелот против Елверум запиша победа со резултат 33:32.

Ракометарите на Мешков Брест имаа одличен старт и водство од 3:0 со головите на Кашпарек и Бонефонд. Домаќините првиот гол го постигнаа по пет минути игра преку Лангас. Во следниот период се играше доста ефикасно. Елверум ја подобри својата реализација и со серија од 2:0 дојде до израмнување на резултатот, 7:7, во 12. минута. Белорускиот шампион до крајот на првото полувреме успеа да одржи резултатска позитива односно контрола на резултатот. Гостинската екипа од Белорусија на полувреме замина со предност од два погодоци, 17:15.

Во второто полувреме грешките на Мешков Брест беа искористени од страна на домашната екипа која преку Хелдал го израмни резултатот на 18:18, а потоа истиот ракометар го донесе првото водство на домаќините од 19:18. Добрата игра на Елверум беше надополнета со одличниот голман, Емил Имсгард, кој до 45. минута имаше забележано 14 интервенции.

Иако, Елверум во одреден дел на натпреварот имаше три гола позитива, екипата на Мешков Брест успеа резултатски да се закани и да намали на минус еден, 25:26, во 45. минута. До самиот крај постоеше неизвесност околу победникот на овој дуел. На неполни четири минути пред самиот финиш, Мешков Брест повторно дојде до водство од 32:31. Следуваше брз погодок на Елверум за 32:32, а во завршните секунди, голманот на Мешков Брест, Мацкевич успеа преку цел терен да ја упати топката до празниот гол на Елверум за 33:32.

Најефикасен во победничкиот табор беше Никита Вајлупов со осум погодоци. Во редовите на Елверум, Грондал ги предводеше стрелците со осум погодоци, а неговиот колега, Емил Имсгард меѓу стативите забележа 23 интервенции, недоволни за поволен резултат на домашниот тим.