„Не можам да ветам дека ќе ја освоиме ЛШ, но можам да ветам работа, работа и само работа“

Новиот тренер на Динамо Букурешт, Шпанецот Чави Пасквал пристигна во Романија само три дена откако ја освои титулата во Лигата на шампионите со Барселона. Тој веднаш по пристигнувањето беше претставен пред јавноста.

Неколку часа после слетувањето во Букурешт, Чави Пасквал ја имаше првата прес конференција на која веднаш се обиде да собере симпатиите на Романците и објасни зошто дојде во Динамо.

„Се извинивам што не можам да зборувам романски сега, но мислам дека за пет месеци ќе успеам. Минатиот викенд беше неверојатен за мене, кога мојот пријател Мариус и Јонуш Попа претседателот на Динамо ме повикаа да дојдам тоа беше нов предизвик за мене. За мене ова е нешто поинакво и ми го менува животот. Разговарав со сопругата и решивме да го направиме овој чекор заедно. Ви ветувам многу работа, работа, работа и само работа. Не можам да ветам дека ќе ја освоиме Лигата на шампионите, единствено што можам да ветам е дека ќе поминам многу часови со моите ракометари со цел да ги постигнеме нашите цели. Засега не сме во Лигата на шампионите но тоа не зависи од клубот, туку од ЕХФ“, изјави Пасквал.

Чави Пасквал потпиша договор на три години со Динамо Букурешт и е во очекување во кои европски натпеварувања ќе го предводи тимот следната сезона. Екипата ќе ги започне подготовките зановата сезона на почетокот на јули.  Тој во изминатите 12 години со Барселона освои 61 трофеј од кои три се во Лигата на шампионите.