„Не играме за пари или поради спонзори, играме затоа што ја сакаме нашата земја“

Една од стандардните ракометарки во репрезентацијата на Црна Гора, Андреа Кликовац за веб-сајтот на црногорската федерација ги сподели своите очекувања за Олимписките игри во Токио.

Екс ракометарката на Вардар истакна дека репрезентативниот состав на Црна Гора има големи промени во однос на минатите години, но се надева на добар резултат.

На претходните Олимписки игри во Бразил, Црна Гора заврши неславно откако го освои последното место во својата група.

„Ова е изменет тим, кој ќе даде се од себе за да постигне многу подобри резултати отколку пред пет години. Освен што сме пет години постари и поискусни, ова е познато чувство и за мене, но олимписките игри се посебни, затоа што сме во поинаква постава, атмосферата е поинаква, има многу нови лица. Сепак, не би рекла дека тие се неискусни девојки, бидејќи зад нив стојат многу големи игри во националниот тим, во Лигата на шампионите. Тие се нови на Олимписките игри, но знаат што е голема сцена, и добро се познаваме, заедно сме веќе долго време. Можеби не е исто чувството како и на другите натпреварувања, но кога ќе започнат борбите, тие мислат само на натпреварите, забораваат на сè друго. Играв со девојки од целиот свет, натпреварите за репрезентацијата значат многу за сите нив, но верувајте ми – никој нема такво чувство како нас. Ова е чиста љубов, ние не играме за Црна Гора поради пари, поради спонзори. Играме затоа што ја сакаме земјата и се гордееме со тоа“, изјави Кликовац.

На Олимписките игри во Токио, Црна Гора во првата фаза за противници ги има репрезентациите на Јапонија, Јужна Кореја, Норвешка, Холандија и Ангола. Кликовац е свесна за големиот предизвик и за нејзе сите натпревари ќе бидат тешки, без разлика кој е противникот.

„Секој натпревар ќе биде тежок на свој начин. Јапонија, Ангола и Јужна Кореја играат помалку познат ракомет, но се наоѓаме на Олимпијада. Нема тука кој на кого му одговара како противник, а кој не. Мора да играме најдобро што можеме. Мислам дека на тие натпревари, претежно се ќе зависи од нас и како ќе одговориме на противникот во тој момент“, заврши Кликовац.

Црна Гора својот прв официјален натпревар во Токио ќе го одигра против репрезентацијата на Ангола на 25 јули со почеток од 14:15 часот.