„Никој од Скандинавците не одбива да игра за репрезентацијата“

Селекторот на машката репрезентација на Германија, Алфред Гисласон го критикуваше трендот меѓу германските играчи кои од различни причини одбиваат да играат за националниот тим.

На Мундијалот нема да настапат Патрик Винчек, Хенрик Пекелер, Фабијан Виде, Тобијас Рајхман, Уве Генсхајмер, Штефан Вајнхолд…Дел од споменатите ракометари се откажаа од репрезентацијата.

Исландскиот стратег, кој од 2020 година е предводник на германската репрезентација, им замери на неколку ракометари, кои одбиваат да играат на Светското првенство 2023.

„Совршено ги разбирам играчите кои играат во Бундес лигата. Сезоната е многу долга, останува малку време за приватни обврски, односно за семејството. Но, има многу ракометари од скандинавските земји, кои исто така долго време играат во Германија и никој од нив не вели дека не сака да се приклучи на националниот тим. Не можам да замислам ниту еден играч од Скандинавија, кој би рекол дека е недостапен за репрезентацијата”, изјави Гисласон за германската телевизија Спорт1.

Искусниот тренер од Исланд е разочаран поради откажувањето на неколку клучни играчи.

„Понекогаш е тешко да се разбере дека овој или оној германски ракометар е недостапен. Ова ме разочарува. Ако играчот продолжи да одбива да игра за репрезентацијата, тогаш селекторот мора да се запраша колку може да се потпре на таков играч. Има голем број ракометари кои ја напуштија репрезентацијата поради повреди или здравствени проблеми. На пример, Хендрик Пекелер. Тоа мора да го прифатиме и почитуваме”, заврши Гисласон.

Германија на Мундијалот во Полска и Шведска со три победи обезбеди место во главната рунда на СП.