„Не зажалив што дојдов во Вардар“

Минатото лето европскиот шампион Вардар се засили со рускиот репрезентативен кружен напаѓач Сергеј Горпишин кој дојде од бундеслигашот Ерланген.

На стартот на сезоната не добиваше голема минутажа, потоа беше повреден, но сега е подготвен да се покаже во вистинско светло.

„Имаме уште три натпревари и сакаме да освоиме што е можно повеќе бодови. Има теоретски шанси да не се пласираме во осминафиналето, но јас таа варијанта ја исклучувам. Би сакал да го избегнеме и шестото место во групата, и да избегнеме двобој со Барселона или ПИК Сегед. Сепак ние се надеваме дека можеме пак до Келн и покрај екипи како Барселона, Веспрем, Кил, Келце…“, вели Горпишин.

Ситуација во Вардар на финансиски план не е идеална.

„Во последно време во клубот беше многу турбулентно. Се сменија двајца тренери, но јас научив многу и среќен сум. Не зажалив што дојдов во Вардар. Се обидувам да извлечам максимум од секоја ситуација. Кога играш со играчи од типот на Даинис Кристопанс во одбрана, или Стојанче Стоилов во напад, имаш шанса многу да научиш“, продолжува Горпишин.

Тој вели дека во Македонија му е одлично.

„Начинот на живот се разликува од германскиот, но Македонија е прекрасна земја. Луѓето се многу дружељубиви, сите ми помагаа особено на почетокот“, заврши Горпишин.

Следен предизвик за него и за Вардар ќе биде домашниот натпревар на 15 февруари против Мотор Запорожје.