Несекојдневна ситуација – татко и двајца синови заиграа заедно во ист клуб!

На натпреварот од четвртфиналето на Купот на Словачка на кој Татран Прешов забележа лесен и убедлив триумф во последните петнаесетина минути имаше несекојдневна ситуација на теренот.

Татран славеше висока победа од 41:21 против екипата на Агро Тополчани и обезбеди пласман во следната рунда, но овој дуел беше специјален за семејството Радченко. Во последната четвртина од мечот на теренот беа татко и двајца синови.

Александар Радченко кој има 48 години играше за Татран, а заедно со него на теренот беа неговите синови, 22-годишниот Кирил и 18-годишниот Данил.

„Одлично е чувството. Ова беше многу важен момент за мене, да можам да заиграм со двајцата синови и сите тројца да постигнеме голови на натпреварот“, изјави Александар за клупскиот веб-сајт.

Сите тројца беа стрелци против Тополчани – Александар и Кирил дадоа по еден погодок, додека Данил стрелаше два пати.