„Нема да дозволам во ниеден момент да ги потцениме противниците“

Селекторот Кире Лазаров денеска прозиваше пред последните два меча од квалификациите за ЕП 2024 година.

Тој потенцира дека дуелите со Луксембург и Турција мора да бидат сфатени сериозно и нема да дозволи да бидат потценети.

„Јас од она кое го гледам, бидејќи 90% од нашите репрезентативци играат во нашата лига, можам да бидам задоволен, од нивната моментална форма. Познавајќи ги сите, мислам дека ќе го сфатат овој меч повеќе од сериозно. Можам да кажам дека сме благи фаворити, иако сме млада репрезентација. Ја преземаме таа улога, но во спортот се покажало дека мора да сме претпазливи. Така ќе се поставиме и ние. Тие имаат нов селектор, нова енергија. Немаме многу време за подготовка, немаат ниту противниците. Ќе ги искористиме овие денови за три до четири тренинзи, внимание ќе обратиме повеќе на стратегијата, на тактички план, против еден таков вид на репрезентација. Работиме подолго време заедно и мислам дека времето кое го имаме максимално ќе го искористиме. Нема да дозволам во ниеден момент да го потцениме противникот, знаеме на пример едни Фарски Острови прават изненадувања. Ние сме на чекор до ЕП 2024, уште едно големо натпреварување, верувам во овој тим, во овие момци и ќе си ја сфатиме работата сериозно. Така ќе се поставам и јас како селектор. Ќе се обидам некои работи во минатото кои не функционирале, посебно во дефанзивата, да ги поправиме и да изгледаме уште подобро“, изјави Лазаров.

Кружните напаѓачи Костадин Петров и Марко Стојковиќ нема да бидат на располагање за оваа акција.

„Во последен момент отпаднаа Петров и Стојковиќ, остануваме со три пивоти, тие се „роба што се троши“, секогаш има многу контакти, затоа и на поширокиот список ги има повеќе на број баш поради овие работи. Меѓутоа тука се Пешевски, Маркоски, Аларов… па сметам дека ќе одговорат коректно. За другите, се е во ред, ќе видиме како ќе се одвиват работите“, продолжи селекторот.

Левиот бек Филип Талески се враќа во националниот тим по кратка пауза, а левото крило Дејан Манасков одново не е на список.

„Талески побара одмор за двомечот со Португалија од РФМ и од мене како селектор, тоа му се дозволи. Сега се врати и очекувам добри партии во иднина. Со Манасков имавме едно непријатно искуство пред почетокот и за време на Светското првенство, така што одлучив шанса да им дадам на помладите играчи како што Цветан Кузманоски и Петар Атанасијевиќ“, заврши Лазаров.

Македонија игра со Луксембург на 26 април на гостински терен, додека со Турција ќе се сретне на домашен терен на 30 април.