Немаме репрезентација, ама Македонија ја доби првата жена делегат на ракомет на песок

Летниот период од секоја година, секогаш е резервиран и за настани на ракомет на плажа. Иако, овој спорт во Македонија не е популарен, а нашата репрезентација во машка и женска конкуренција веќе од поодамна не настапува на вакви турнири, сепак, Македонија како земја и нашата Ракометна федерација, треба да бидат горди на гостиварката, Гордана Ѓорѓеска, моментално, единствена дама од Македонија со ЕХФ значка за ракомет на плажа и единствен женски македонски делегат за овој вид на натпреварување.

Ракометот одамна е олимписки спорт, но постојат сериозни заложби на летните олимписки игри да се вклучи и ракомет на песок. Спорт кој станува се поатрактивен, и се игра се повеќе и повеќе. Македонија каде ракометот е спорт број 1, засега нема вакви тимови ниту репрезентација, иако во минатото имаше дури и настапи на ЕП во машка и женска конкуренција. Сега ништо од тоа. Но, затоа Македонија има двајца делегати, од кои едната е дама. И таа многу брзо „фати приклучок“ во европски рамки, па летово почна да биде покрај песочните терени.

Гордана Ѓорѓеска е магистер по кривично право и поранешен претседател на машкиот ракометниот клуб Гостивар. Пред неколку месеци се стекна со ЕХФ значка за ракомет на песок. Од ракометен судија одлучила да биде делегат во текот на 2019 година, година пред светот да се соочи со ковид пандемијата, поради која Ѓорѓеска чекала уште неколку години да ја добие ЕХФ значката, која ја прави единствена дама во ракометната историја на Македонија со такво признание од европската ракометна куќа. Од Македонија, единствено само Марјан Начевски ја има истата значка за делегат, и бил дел од многу турнири и ЕП и СП на ракомет на песок.

Оваа година се стекнува со ЕХФ значка за ракомет на песок. Турнирот „Камелот“, кој се одржуваше во Холандија, во градот Тилбург, беше првиот интернационален предизвик за Ѓорѓеска како ЕХФ делегат. Во седум минати дена во Тилбург, освен што делегираше, таа полагаше и за ЕХФ значка за ракомет на песок.

„Во Холандија со останатите колеги бевме седум дена. Таму покрај тоа што работевме како делегати, дел од нив и како судии, полагавме за ЕХФ значка за ракомет на песок, учевме теоретски и практични работи. Можам да кажам дека теоретскиот дел беше лесен, но кога излегов на песокота, помислив дека ги имам заборавено сите правила (се смее). Првото интернационално искуство како делегат претставуваше голем предизвик за мене, сепак, ја претставувам Македонија и имав голема трема на почетокот, но тоа траеше кратко, тремата помина за неколку минути. Имав можност да соработувам со истакнатите судии и делегати од голем број на ракометни земји. За мене овој предизвик беше првото интернационално искуство, во кое успеав да ја добијам ЕХФ значката за ракомет на песок”, изјави Ѓорѓеска.

Нејзината успешна работа како делегат беше препознаена, па така поранешната судијка делегираше и на светскиот ракометен турнир „Глобал Тур“, кој на почетокот на јули се одржа во Гдањск, Полска. На поголемиот дел од натпреварите ја извршуваше функцијата како делегат.

„За краток период искрено не очекував дека ќе добијам покана за учество во Полска. Вториот интернационален предизвик, исто така мина со големо нетрпение. Во Гдањск на повеќе натпревари бев делегат. Кај мажите бев делегат на натпреварот, Полска – Шпанија и Хрватска – Шпанија, додека кај жените делегирав на натпреварите, Хрватска – Германија, Шпанија – Полска и на натпреварот за трето место во женска конкуренција меѓу Полска – Германија. Искрено, овој предизвик беше тежок и бев во исчекување дали ќе ги исполнам обврските, бидејќи пред сѐ ја претставувам Македонија. но се мина во најдобар ред”.

Гостиварката на македонска сцена е делегат на суперлигашките натпревари во Женската лига, на прволигашките натпревари во машка конкуренција и на натпреварите од младинските категории. Пред неколку години работела и како судија. Ѓорѓеска истакнува дека делегатите ја имаат најтешката ракометна работа, без разлика дали се работи за „нормален“ ракомет или пак за ракомет на плажа.

,,Мислам дека и двете работи, судија и делегат, се тешки и барат големо внимание на терените и на некој начин си носат своја тежина. Мене, некогаш ми доаѓа како делегат да влезам на терен и да ја делам правдата (се смее). Сепак, од моја гледна точка, функцијата делегат е малку потешка, бидејќи како делегат на еден натпревар мора да преземеш голема одговорност, од тоа дали екипата е уредно пријавена, да внимаваш на теренот со поставите, потоа дали е сѐ во ред со лиценците на играчите и ред други работи. Како делегат, секогаш сум строга и барам да се почитуваат моралните вредности. Некогаш се случувало како делегат да „поделам“ казна, посебно кога не се почитуваат основните ракометни принципи на терен, бидејќи на секој натпревар двете екипи и нивните стручни штабови треба да покажат спортска култура”.

Единствената Македонска со ЕХФ значка за ракомет на песок објаснува дека понекогаш може да дојде до забуна околу правилата кога се игра ракомет на плажа, бидејќи ракометните правила на терен и на плажа се сосема различни. И во двата предизвици, некогаш климата знае да направи проблем.

„Ракометните правила на терен и на плажа воопшто не се исти. На плажа е малку потешко, бидејќи во некои ситуации се случувало некогаш тренерот на екипата да се обрати на нас, делегатите, бидејќи сака да побара тајм-аут, а тоа не е потребно, веќе кога ќе крене рака, ние знаеме дека бара тајм-аут. Имало ситуациии, во кои се случувало да има забуна кај тренерите, играчите, делегатите или судиите, но тие биле многу ретки. Кога е зимски период често се случувало да имаме непријатности, на пример со греењето во салата. За жал, овој проблем кај нас е од поодамна и сѐ уште постои. Кога се работи за ракомет на песок, иако температурите се доста високи, сепак, авантурата е поголема, а со тоа и желбата за работа, посебно кога ќе не изненади дождот”.

Ѓорѓеска смета дека Македонија заслужува да има репрезентации на натпреварите на ракомет на песок, истакнувајќи дека нашата држава ги има сите потребни услови за да се популаризира овој спорт.

„Сметам дека овој спорт може да стане популарен во нашата држава. Ние имаме капацитет, услови и играчи кои ги задоволуваат критериумите за ракомет на плажа. Треба само добра иницијатива и секако, поддршка од Ракометната федерација на Македонија. Заслужуваме да имаме репрезентации во машка и женска категорија во ова натпреварување, имаме доволно простор, но потребно е само добра волја, работа и амбиција. Ја повикувам Ракометната федерација на Македонија да го поттикне ова прашање во ракометните кругови”, заврши Ѓорѓеска.

Во Македонија имаше направено и игралиште во Струга за играње ракомет на песок, исто како и во Скопје покрај Вардар, но засега ракометот на песок останува во плановите и најавите.