Немаат ниту еден бод, но веруваат во победа против Кил

Екипата на ППД Загреб денеска го игра последниот натпревар од групната фаза во Лигата на шампионите и гостува кај Кил, а после 13 порази тешко дека може да се дојде до нешто повеќе денеска на теренот на „зебрите“.

Оптимизмот кај тимот од Хрватска постои бидејќи се работи за последна средба и нема што да се загуби.

„Не сакам да видам никакво предавање и верувам дека ќе оставиме добар впечаток на крајот на настапот во Лигата на шампионите. Што се однесува до противникот не знам во кој состав ќе настапи, но доколку настапи во релативно комплетен состав можеме да зборуваме за една од најсилните одбрани во Европа зад која стои најдобриот светски голман. Наша желба е да се смали бројот на технички грешки на минимум, да се крене нивото на игра во однос на двобојот со Веспрем и на крајот од натпреварот да бидеме задоволни со својата изведба“, вели тренерот на ППД Загреб, Ивица Обрван.

Оптимизмот го делат и ракометарите, а најмалиот во составот ветува борба за бодови.

„На нас е да се бориме, да дадеме сè од себе и да се надеваме на евентуално изненадување и победа во Германија. Во спортот е можно сè и ние се надеваме на својата шанса. Ќе дадеме сè од себе. Можеби со малку среќа можеме и до бодови во Кил“, изјавува младиот десен бек, Леон Кларица.

Средбата почнува од 17 часот, а сосема јасно е дека фаворит е тимот на Кил, кој е можен ривал на Вардар во осминафиналето.