Нексе со големо засилување за двобојот со Еурофарм Пелистер

Ракометарите на Нексе во рамки од осминафиналето во Лига на Европа ги очекува тежок предизвик бидејќи за противник го имаат македонскиот вицешампион, Еурофарм Пелистер.

Избраниците на Бранко Тамше за балканскиот двобој од Лига на Европа ќе имаат големо засилување во името на повремениот репрезентативец на Хрватска, Јанко Кевиќ, кој минатата сезона заработи тешка повреда на предните вкрстени лигаменти.

Поради тоа, средниот бек девет месеци беше отсутен од ракометните терени, односно во процес на опоравување. Кевиќ изминатиот викенд се врати на терените и настапуваше за вториот тим на Нексе. Вториот тим на Нексе се натпреварува во третата лига во Хрватска. Во натпреварот против Валповка, Кевиќ одигра во вторите 30 минути и беше стрелец на два погодоци.

Овој натпревар беше загревање за Кевиќ пред неговиот камбек во првиот тим. Кевиќ е регистриран за натпреварите на Нексе во Лига на Европа и најверојатно раководството на хрватскиот клуб ќе смета на неговите услуги за двобојот против Еурофарм Пелистер. Во минатата сезона во Лига на Европа, Кевиќ постигна 66 погодоци.

Првиот натпревар меѓу Нексе и Еурофарм Пелистер ќе се одигра во Нашице на 29. март, додека реваншот е закажан за 5. април во Битола. Двата натпревари се играат во терминот од 18:45 часот.