Нексе скапо ја „продаде“ кожата кај Рајн Некар, елиминации за ЦСКА Москва и Адемар Леон

Ракометарите на Рајн Некар Левен ја елиминираа екипата на Нексе во Лигата на Европа откако во реваншот одиграа 27:27 и обезбедија пласман во четвртфиналето со вкупен резултат 54:52.

Бундеслигашот тешко го скрши отпорот на Нексе, но сепак не дозволи изненадување. На полувреме Рајн Некар водеше 14:12, а во продолжение Нексе успеваше во неколку наврати да израмни и да избегне пораз што беше недоволно. Толбринг со седум гола беше најефикасен во тимот на Рајн Некар, а Шмид постигна шест гола. За Нексе се истакнаа Кевиќ и Пешиќ со по седум гола.

Исто така и ГОГ обезбеди четвртфинале откако и на гостувањето кај ЦСКА Москва триумфираше со 30:35. После триумфот во првиот меч данскиот тим уште еднаш покажа дека е подобар тим од ривалот и со вкупни 61:68 го елиминираше рускиот претставник.

После првиот дел гостите имаа предност од 17:19, а до крај на натпреварот само ја потврдија победата. Прв стрелец во победничкиот тим беше Гидсел со 11 погодоци, а Ларке постигна седум. Во тимот на ЦСКА Москва најефикасен беше Илченко со седум гола.

Кристијанштад го потврди пласманот во четвртфиналето откако со втор триумф го елиминираше тимот на Адемар Леон. На гостувањето во реваншот славеше со 31:34 и со вкупен резултат од 58:68 оди понатаму во нокаут фазата.

Иако после првиот дел Адемар имаше предност од 16:15, во продолжението тимот од Шведска го сврте резултатот и стигна до победата. Алфред Ен го водеше Крстиајнштад до победата со седум гола, додека за Адемар најефикасни беа Лучин и Перез.