Некогашниот тренер на Куманово замина од Динамо Панчево, клубот го промовира наследникот

Раководството на амбициозниот клуб Динамо од Панчево по поразот од Металопластика во домашниот шампионат реши да направи промена на тренерската позиција.

На местото на екс тренерот на ЖРК Куманово, Ненад Краљевски, е назначен некогашниот селектор на машката сениорска репрезентација на БиХ, Драган Марковиќ.

Искусниот стратег на клупата на босанската репрезентација беше четири години, од 2011 до 2015 година и токму со неговите тогашни избраници го направи најголемиот успех во историјата на босанскиот ракомет.

Марковиќ успеа за првпат да ја однесе репрезентацијата на БиХ на Светското првенство во Катар (2015), но на Мундијалот беше елиминирана уште во групната фаза.

Клубот од Панчево под водство на довчерашниот тренер Ненад Краљевски завршија на 4. позиција во српскиот шампионат во минатата сезона, изборија место во Европскиот Куп и стигнаа до осминафиналето во третото по квалитет европско натпреварување.

Иако во оваа сезона може да го повтори ланскиот домашен успех бидејќи плеј-оф фазата е на дофат, челниците на клубот одлучија за промена во стручниот штаб.