Неизвесно, напнато и драматично: Целје го победи Алкалоид без „поцрвенетите“ тренери Лазаров и Тоскиќ

Возбудлив и интересен натпревар понудија екипите на РК Алкалоид и словенечкиот шампион Целје Пивоварна Лашко на отворањето на вториот наптреварувачки ден на струшкиот турнир. Дуелот заврши со победа на Целје Пивоварна Лашко од 28-27, а колку воинствено беше на терен покажуваат и црвените картони за предводниците на двете екипи, Кирил Лазаров и Алем Тоскиќ.

Уште на самиот почеток се предвидуваше интересен и возбудлив дуел. Целје ја имаше контролата над играта и резултатот, но минималната предност за словенечкиот првак беше гаранција за неизвесен натпревар, многу дуели, трчање и компактна одбрана.

Ракометарите на Алкалоид беа посебно мотивирани бидејќи на трибините ги следеше спонзорот на клубот и претседател на македонската ракометна федерација, Живко Мукаетов.

Трпеливата игра за новиот македонски суперлигаш кон крајот на полувремето им донесе можност да ја преземат контролата над резултатот, а минималната предност од еден гол не успеаа да ја задржат до крај на полувремето. Во тензичен финиш кога атмосферата на клупите на двете екипи се прели на терен, па судиите мораа да ги  прекомандуваат тренерите на двете екипи на трибините, Целје го израмни резултатот за конечни 15-15.

По паузата, дебитантот во македонската Суперлига подобро се снајде на теренот, добра игра во одбрана, брза транзиција и подобра концентрација во 37. минута имаа предност од три голови 20-17. Разлика која ја одржуваа до 47. минута. Следуваше период кога Михајло Младеновиќ беше исклучен, Целје успешно се бранеше, а брзите контри, празниот гол и добрите решенија во напад ги доведоа Словенците до реми, преку Жабиќ со шанса за преземање на водството. Искусниот македонски голман Благојче Трајковски успешно одбрани чист обид за гол на Целје, а токму Младеновиќ ја врати својата екипа повторно на гол предност.

Но неизвесноста продолжи и во самиот финиш на дуелот откако Стрмљан на седум минути до крај поврторно го израмни резултатот, а потоа целјани и го преземаа водството на 27-26, а потоа ги вратија и двата гола предност од првиот дел при резултат 28-26. Но избраниците на Кирил Лазаров не се предадоа и на триесет секунди до крај повторно го израмнија резултатот (28-28). Целје со пенал ударот на Ракита ја врати предноста на Целје(29-28), а во последниот напад и преостанати 10 секунди до крај на дуелот, обидот на Серафимов не заврши зад рамките на голот за големо славје на ракометарите на Целје.

Најпрецизни во составот на Целје беа Стрмљан со 5, Иванковиќ,Ракита и Сухолежник постигнаа по 4, додека Чокан, Забиќ и Влах со по три погодоци. Кај Алкалоид Сојков постигна 5, Серафимов погоди 4 пати,а Младеновиќ и Маркоски постигнаа по 3.

Ова е втора победа за Целје откако во првиот натпреварувачки ден го совладаа Бутел и во последниот дуел од групата Б против Вардар ќе бара билет за финале.