Недановски: Да се игра 40 минути, ќе нема кој да не победи, ама вака…

Вардар беше конкурентен во текот на целиот меч против Еурофарм Пелистер, но на крајот сепак загуби со 23-22 во Суперкупот.

Тренерот на „црвено-црните“ повторно ја истакна кратката клупа како причина за поразот.

„Ќе бидам досаден со моите изјави, но на овој натпревар ни фалеше ротација. Не можат играчите да играат цел натпревар. 40 миинути игравме според договореното, но без ротација. Физички издржавме, но не е доволно. Имаме два бека што играат цел натпревар, имаме пикер како Стоилов што игра 60 минути и се бори како лав, но не е доволно. Немаме вистинска ротација затоа што дел од играчите немаат уште покажано тоа што треба, и ако не покажат вака ќе играме и ќе се мачиме. Со тие играчи таа е играта, јас сум задоволен, се надевам дека по Нова Година ќе го имаме Гаџа, искусен е, знае да игра еден на еден, ни фалат тие голови од средина. Имаме лев и десен бек што чекаме да дадат по десет гола, за да бидеме конкурентни. Немаме вистинска замена за Моралес, и пак ќе повторам да играме 40 минути нема кој да не победи, ама за 60 минути ни фали ротација“, вели Недановски.

Вардар в среда го чека натпревар со Бутел Скопје од Суперлигата, а потоа ќе стартува и регионалната СЕХА лига.