Неготинци пружија отпор, но Охрид си замина со три бода!

Ракометарите на Охрид во последното коло од регуларниот дел од Суперлигата на гостувањето кај Вардар Неготино триумфираа со 27:21. Охриѓани на овој натпревар беа предводени од голманот Александар Миленковиќ. Српскиот интернационалец забележа 16 интервенции, дел во моментите кога Вардар Неготино беше во налет да направи камбек. Охрид со новите бода заврши на 4 место во групата А и во плеј-оф фазата нема да пренесе бодови.

Избраниците на Андоновски имаа фуриозен старт, поведоа со 6:0 во воведните десет минути. Домаќинот првиот гол го постигна дури во 10 минута преку Пеовски и одвреме-навреме беше рамноправен потивник против ракометари на Охрид, кои во последниот дел од првото полувреме се опуштија и му дозволија на ривалот да ја преполови негатива.

Откако Охрид водеше со 10:6, домаќините намалија на 10:8, беше минус два и пред финишот на првиот дел 11:9, но екипата на Охрид се консолидира и на полувреме замина со предност од три гола позитива, 12:9.

Гостите во продолжението постигнаа два гола во низа и се одлепија на 14:9. Како одминуваше времето домашниот тим чекор по чекор фаќаше ритам и сериозно се закануваше да го загрози водството на гостинот, кој повторно имаше пад во играта, па така Вардар Неготино во 45 минута повторно намали на минус два, 19:17.

Ракометарите на Глигоров во неколку напади не реализираа за минус еден и во последните десет минути на површина исплива искуството на Охрид. Гостите зголемија на 22:17 и тука беше јасно дека гостинскиот тим ќе обезбеди три бода. Во 50 минута црвен картон доби членот на Вардар Неготино, Драган Кузманов поради три исклучувања.

Најефикасни во победничката екипа беа Владимир Бојаниќ со шест и Владан Кастратовиќ со пет гола. Во поразениот табор се истакна Петре Пеовски со осум гола.