На повидок проблеми за Вардар – се повреди Анте Гаџа

Селекцијата на Хрватска имаше две успешни средби пред одлучувачкиот двобој против Унгарија за титула во ЕХФ Евро Купот. Избраниците на Хрвоје Хорват два пати ја победија Словачка, но вториот дуел поради повреди предвреме го завршија Леон Шушња и Анте Гаџа.

Средниот бек на Вардар остави одличен впечаток со настапите за „каубоите“, но падна незгодно на раката и неизвесен е неговиот настап против Унгарија.

„Не знам што ќе биде со Шушња и со Гаџа. Шушња имаше проблеми со грбот, а Гаџа незгодно падна на раката. Останавме предвреме без нив и не знам дали ќе можат да настапат против Унгарија. Нивните повреди го пореметија нашиот ритам, но на крајот со голем мотив и желба победивме против Словачка“, изјави селекторот Хорват.

Ако повредата на Гаџа е сериозна, тоа би било проблем за Вардар, кој во месец мај го чекаат предизвици во СЕХА лигата против Металопластика, борбите во Купот на Македонија, како и суперлигашка битка со Еурофарм Пелистер.