Најдобриот стрелец од кадетското ЕП пред потпис со Келце

Еден од најперспективните ракометари и голема надеж на шведскиот ракомет, Елиот Стенмалм, кој беше прогласен за најдобар лев бек и стрелец на последното кадетско првенство во Хрватска, од следната сезона би можел да го носи дресот на полскиот шампион Келце.

Во тек се преговорите на раководството на Келце со младиот лев бек од Шведска. Доколку бидат успешни, тогаш Стенмалм од следното лето ќе настапува во Келце и ќе има можност да заигра во Лигата на шампионите. Швеѓанецот моментално настапува во домашниот шампионат носејќи го дресот на екипата на Редбергслидс.

Неговиот напредок во клупските и репрезентативни настапи е следен веќе две години од страна на претседателот на Келце, Бертус Сервас, но и од главниот стратег на екипата, Талант Душебаев. Во изјава за „emkielce“, Сервас имаше пофални зборови за потенцијалниот нов член на неговиот клуб. Трансферот зависи и како моменталниот клуб на Стенмалм ќе се постави во оваа ситуација бидејќи 19-годишниот ракометар ланската сезона го продолжи договорот со својата екипа до 2024 година.

„Одлуката за трансферот ќе биде донесена во текот на следната недела. Можам да зборувам само во суперлативи за овој играч. Го следиме со Талант Душебаев веќе две години. Знаеме дека тој може да биде наше големо засилување и голема добивка за нашата екипа. На натпреварот против Веспрем ја виде атмосферата и го запозна клубот. Се надеваме дека ова ќе го убеди да донесе вистинска одлука, но сега има време да размислуваме и да не правиме ништо под влијание на емоции“, изјави Бертус Сервас.

На кадетското првенство во Хрватска, Елиот Стенмалм заедно со репрезентативецот на Словенија, Митја Јанц беа предводници на конечната листа на стрелци со 61 гол. Шведска немаше многу среќа во завршните натпревари и мораше да се задоволи со седмото освоено место.