Најден компромис – ракометниот турнир на ОИ ќе се игра и во Лил и во Париз

Во 2024 година, Олимписките игри ќе се одржат во Париз, но поради логистички проблеми, организаторот на Олимписките игри најави дека ракометните натпревари наместо во Париз ќе се играат во Лил.

Според претседателот на Ракометната федерација на Франција, Филип Бана, најдобрата опција за одржување на ракометните натпревари на Олимписките игри во 2024 бил фудбалскиот стадион „Пјер Моруа“, кој ќе има капацитет до 30.000 гледачи кога е ракометот во прашање. Овој стадион е изграден во 2012 година и во 2015 година беше еден од домаќините на Европското кошаркарско првенство.

Пред извесен период, францускиот репрезентативец, Валентин Порт во разговор за француските медиуми имаше лошо мислење за преселбата на ракометните натпревари од Париз во Лил, истакнувајќи дека сите играчи ќе бидат целосно изолирани.

Но сега е најден компромис и дел од натпреварите ќе се одиграат во Лил, а дел во Париз.

Ракометниот турнир на Олимписките игри започнува три дена пред свеченото отварање. На Олимписките игри во 2024 година титулата кај мажите и кај дамите ќе ја брани репрезентацијата на Франција.