Ракометен спектакл во најава – ќе играат актуелните и поранешните репрезентативци!

На денешниот состанок на Управниот Одбор на Ракометната федерација на Македонија беше најавен ракометен спектакл кон крајот на годинава.

Претседателот Живко Мукаетов најави пријателски натпревар меѓу поранешните репрезентативци на Македонија и актуелните репрезентативци во сениорската селекција.

Во тимот на поранешните репрезентативци ќе бидат оние кои беа дел од селекцијата од СП 2009 па наваму, но веќе се во играчка пензија и актуелните репрезентативци кои ќе се подготвуваат за настапот на СП.

РФМ со овој потег сака да им се заблагодари на некогашните репрезентативци за нивниот придонес во македонскиот дрес за целото ова време.

Повеќе детали околу точниот термин и списокот на потенцијални учесници на овој ревијален и проштален натпревар ќе има наскоро.