Мркиќ ќе има нова авантура, потпиша за клуб од Фарски Острови

Македонската интернационалка Савица Мркиќ по три сезони минати во Италија ќе има нов предизвик во својата интернационална кариера. Taa во следната сезона ќе настапува во шампионатот на Фарски Острови и ќе игра за екипата на Стјорнан.

Новиот клуб на Мркиќ во минатата сезона заврши на 3. позиција во суперлигашката конкуренција на островската земја. Стјорнан за следната сезона има амбиции да го освои шампионатот и да избори настап на европска сцена.

Мркиќ во Италија настапуваше за Мало, Понтинија и Ериче. Во сите три екипи беше меѓу најдобрите стрелци и нејзините одлични настапи беа наградени со признание за најдобра странска ракометарка во 2021 година.

Искусната ракометарка потекнува од школата на ѓорчепетровки и во Македонија своевремено го носеше дресот на Еуростандард Ѓорче Петров, потоа беше дел од Кометал Ѓорче Петров и од Жито Прилеп.

На интернационално ниво играше и во Грција, Србија, Романија, Шпанија, Исланд, Германија, но и во Ангола.