Мркиќ најефикасна во деби настапот за Ериче

Интернационалката од Македонија, Савица Мркиќ заедно со нејзината нова екипа Ериче ја прославија првата победа во продолжението од сезоната во шампионатот на Италија откако на свој терен беа подобри од последнопласираниот тим Гереире Мало со резултат 22:19.

Македонката, која од почетокот на оваа година ги засили редовите на Ериче, имаше успешен деби настап покажувајќи се како главна фигура против нејзиниот поранешен клуб.

Мркиќ беше најдобар стрелец во победничката екипа, постигна седум погодоци и запиша неколку асистенции.

Екипата на Ериче се наоѓа на 7. позиција на табелата со 12 освоени бодови и има големи шанси да обезбеди пласман меѓу првите четири екипи.

Искусната ракометарка во Македонија настапуваше за екипите на Еуростандард Ѓорче Петров, Кометал Ѓорче Петров и Жито Прилеп. На интернационална сцена играше во Грција, Србија, Романија, Шпанија, Исланд, Германија, но и во Ангола. Од 2020 година настапува во најквалитетното натпреварување во Италија.