Мотор Запорожје бара вајлд-карта за Лигата на шампионите!

Украинската ракометна федерација поднесе барање до Европската ракометна федерација за вајлд-карта за Мотор Запорожје за место во ЛШ.

Тимот од Запорожје следната сезона ќе биде дел од Втората Бундес лига, ќе игра до Диселдорф, а веќе се пријави и за место во Лигата на шампионите.

Спонзорот продолжува да дава финансии во клубот и покрај тешката ситуација, но јасно е дека ќе мора да се реагира во однос на играчкиот кадар.

Засега во ростерот има само украински ракометари, дел од нив би требало да се вратат од актуелните клубови во кои ја завршија сезоната, додека нејасно е што ќе биде со интернационалците кои имаа валидни договори и за новата сезона.

ЕХФ ќе биде на маки за шесте екипи што треба да добијат вајлд-карти, бидејќи покрај Мотор Запорожје, ќе има екипи од типот на Веспрем, Нант, Алборг, Елверум, Целје, Загреб…

Покрај Мотор Запорожје, од украинските клубови уште два се пријавија за учество во Европа. Тоа се женскиот тим Галичанка Лвов, како и машкиот Донбас, кои ќе играат во Европскиот Куп.