Мораеш: Кога нè пречекаа 200.000 луѓе во Скопје, се почувствував како во рајот

Некогашниот вардарец Рожерио Мораеш во моментов со бразилската репрезентација настапува на Мундијалот во Египет.

Тој во интервју за сајтот на ИХФ покрај за очекувањата од СП, говореше и за почетоците во ракометот.

„Ракомет играв со другарите на училиште, но ништо сериозно. Како и секое дете во Бразил, се обидов со фудбал, но повеќе ме влечеше ракометот. Со часови гледав клипови на Јутјуб, ги гледав браќата Карабатиќ и Абало, а неколку години подоцна играв против нив“, вели Мораеш.

Откри дека трансферот во Вардар бил пресвртница во кариерата.

„Трансферот во Вардар беше пресвртница во мојата кариера. Почнав од нула, а станав херој на многу луѓе, е многу убаво чувство. Имаше повеќе од 200.000 луѓе кои нè пречекаа на плоштадот во Скопје, откако ја освоивме првата титула во Лигата на шампионите. Во тој момент се почувствував како да сум во рајот“, изјави Мораеш.

Бразилецот по заминувањето од Вардар се пресели во унгарскиот Веспрем, но таму ја нема минутажата што ја очекуваше.