Младинското СП ќе се игра во Германија и Грција, Македонија може до учество преку ЕХФ шампионатот

Светското првенство за младинци, играчи до 21 година, ќе се одржи во Германија и Грција од 20 јуни до 02 јули 2023 година. За првпат после 1979 година на ова натпреварување домаќини ќе бидат две земји.

На првенството ќе настапат 32 репрезентации, а организаторите ги објавија градовите и арените каде што ќе се играат натперварите.

Магдебург, Хановер и Берлин ќе бидат градовите домаќини во Германија со добро познатие арени, „Свисс лајф„ во Хановер (4.200 седишта), „Гетек Арена“ во Магдебург (6.300) и „Шмелинг Арената“ во Берлин (9.000 седишта).

Единствениот град во Грција каде што ќе се играат натпревари од првенството ќе биде Атина со двете арени „Коридалос“ и „Софија Бефон“. На првенството ќе бидат одиграни 116 натпервари од кои 64 во Германија и 52 во Грција.

Ова ќе биде прво младинско првенство со 32 репрезентации кои ќе бидат поделени во осум групи по четири, од кои двете најдобри продолжуваат во следната фаза.

Македонската репрезентација може да се избори за учество само ако го освои ЕХФ шампионатот во Бугарија, во Варна од 16 до 24 јули, а ќе игра дополнителни квалификации ако заврши на второ или трето место.