Младеновиќ: Ме изненади поканата, но репрезентацијата ми дава голем мотив

„Ова ми е вторпат да сум повикан во националниот тим. Претходниот пат игравме контролни натпревари со Грузија. За мене ова е убаво искуство. Минатиот пат повикот влијаеше многу на мене за да ја вратам самодовербата. Потоа се надевав на нов повик за да можам одново да покажам колку можам“.

Еден од помладите ракометари кои се најдоа на списокот на селекторот Данило Брестовац за дуелите против Чиле на почетокот на следниот месец, Михајло Младеновиќ вторпат добива шанса во сениорската репрезентација, а ова може да биде убав момент и за него и за сите други помлади играчи кои ќе се најдат на овој собир.

Ракометарите ќе имаат можност да ги покажат своите квалитети на дуелите против Чиле и тоа ќе им биде добра шанса за оправдувње на повикот и обезбедување на нов повик при некој следен собир.

Младеновиќ кој минатата година беше дел од кадетскиот Мундијал во Македонија, во Металург сезонава добива сè повеќе шанса и полека го наоѓа своето место. Тој смета дека играњето за националниот тим е голема чест за секого, но и дека за него секој повик влијае позитивни.

Се потсети како беше кога првпат се најде во сениорскиот составот на Македонија, а вели дека е изненаден и тоа позитивно од сегашниот повик.

„Пријатно сум изненаден, од повикот за сениорската репрезентација после една ваква полусезона во која поради коронавирусот имаше многу пауза и никој не можеше да фати константност. Лично за мене ова е одлично бидејќи ми дава мотив плус и желба да продолжам уште повеќе да се залагам и да тренирам“, вели Младеновиќ за 24 Ракомет.

Претходниот повик му донесе многу во поглед на желбата, мотивацијата, но и самодовербата и му помогна многу за кариерата.

„Ова ми е вторпат да сум повикан во националниот тим. Претходниот пат игравме контролни натпревари со Грузија. За мене ова е убаво искуство. Минатиот пат повикот влијаеше многу на мене за да ја вратам самодовербата. Потоа се надевав на нов повик за да можам одново да покажам колку можам“.

Сега ќе биде доста тешко бидејќи ќе се соочи со силна конкуренција на неговата позиција во тимот, но и во одбраната каде што исто така одлично се снаоѓа.

„Има доста добра конкуренција на мојата позиција. Сметам дека ќе морам да се залагам на максимум и да се трудам уште посилно од досега за да дојдам до можност за игра. Ќе се обидам да го дадам својот максимум. Верувам дека и овој пат повикот во националниот тим ќе ми влијае на самодовербата и ќе биде уште подобро во пролетниот дел од сезоната“.

Со Металург имаше тешка полусезона бидејќи неколкупати мораа да мируваат поради коронавирусот и на крајот во две недели ги играа повеќето од натпреварите. Одигра 12 натпревари во Групата Б од Супер лигата на кои постигна 27 гола.

„Оваа полусезона беше доста напорна за сите. Многу често се случуваше некои од играчите да бидат позитивни и да мораме сите во карантин. Цела екипа не можеше да фати константна форма, па истата беше променлива. Тренажниот процес исто така не можеше да биде најдобриот. Можевме да имаме многу подобри партии во Супер лигата, но поради ситуацијата не беше можно. Сепак, ако биде сè како што треба и доколку се смири ситуацијата со Ковид 19 тогаш може да биде далеку подобро во пролетниот дел од сезоната“.

Во пролетниот дел од сезоната очекува да биде многу подобро отколку во есенскиот иако добро знае дека во плеј-офот ќе биде максимално тешко бидејќи претстојат натпревари во една силна група.

„Се соочивме со многу проблеми со коронавирусот. Мислам дека плеј-офот ќе биде многу посилен од претходно. Годинава има доста добри екипи и ракометари и мора да дадеме двојно повеќе за да успееме да дојдеме до остварување на успех. Конкуренцијата е доста силна, но верувам дека можеме до добар резултат. Постои шанса, но ќе мораме да одиграме далеку подобро од есенскиот дел на сезоната“.

Младеновиќ како и уште 19 ракометари треба да се јави на собирот на сениорската репрезентација на 3 јануари, а истиот е закажан за 12 часот.