Ракометарка од Литванија направи трансфер од соништата и ќе игра во ЛШ!

Шампионот на Чешка во женска конкуренција, екипата на Бањик Мост пред стартот на Лигата на шампионите го донесе последното засилување за новата натпреварувачка сезона.

Нова ракометарка во редовите на повратникот во Лигата на шампионите е младата репрезентативка на Литванија, левиот бек Аусра Шпоне, која има само 21 година и за првпат ќе има можност да настапи во елитното европско натпреварување.

Репрезентативката на Литванија успешно го мина пробниот дел во нејзиниот нов клуб, а од стручниот штаб на Бањик Мост доби високи оценки и си обезбеди двегодишен престој, односно потпиша договор на две години.

Новото засилување во чешкиот шампион нема да може да настапи на првиот дуел во Лигата на шампионите, против екипата на Битигхајм, но затоа ќе биде во комбинација за настап во второто коло, во кое нејзиниот тим силите ќе ги одмери со екипата од Данска, Оденсе.

Шпоне е првата литванска ракометарка во Лигата на шампионите по сезоната 2017/18 кога Соната Вијунаите настапуваше за австрискиот гигант Хипо.