Мицев правеше чуда на голот – Вардар Неготино убедлив против Куманово!

Екипата на Вардар Неготино на свој терен оствари убедлива победа против Куманово, со резултат 27:21, во натпревар од 5. коло од плеј-оф фазата во Првата машка лига. На овој натпревар не настапи најдобриот стрелец на Вардар Неготино, Драган Кузманов, поради повреда, не играше ниту Ѓерѓев, но домаќините го имаа расположениот голман, Александар Мицев, кој ги откажа гостите со вкупно 16 интервенции.

Вардар Неготино со освоените бодови од денешниот натпревар направи исчекор на табелата во прволигашкиот плеј-оф, го презеде третото место, на кое се наоѓаше Јуниор КВ, и на свое конто запиша 25 бода, еден повеќе од Јуниор КВ, која сега падна на 4. позиција и има бод помалку (24).

Неготинци имаа добар почеток и со двата погодоци на Митевски поведоа со 2:0 во воведниот дел. Ракометарите на Куманово за првиот гол чекаа речиси пет минути, па така со голот на Димовски намалија на 2:1. Следуваше период каде двете екипи не можеа да дојдат до реализација и за само една минута, домаќините постигнаа три гола во низа преку Орешков, Трајкоски и Петров, за највисоко водство од 5:1.

Домаќинот со сигурна реализација ја одржуваше стекнатата предност, која по петнаесетина минути игра беше плус пет гола разлика, 7:2. Гостите во последниот период од првиот дел фатија приклучок и со серија од 3:0 намалија на резултатска негатива од минус два, 7:5. Сепак, тоа беше последниот обид да направат нешто повеќе бидејќи домаќините не дозволија премногу простор за изненадување и на пауза заминаа со предност од 17:10.

Петров со двата гола на почетокот на второто полувреме му донесе највисоко водство на својот тим од 19:11. Куманово преку сите можни варијанти се обиде да дојде до помала негатива, но против себе го имаше расположениот состав на Вардар Неготино, кој во вториот дел рутински ја одработи својата задача. Играта на гостите во последните дваесетина минути целосно се распадна, а дополнителен проблем за нив беше голманот Александар Мицев.

Најефикасни во победничката екипа беа Костадин Петров и Стефан Трајкоски со по шест гола. Кај гостите единствена светла точка беше Виктор Петковски со десет гола.