Михаил Аларов: Moжам достојно да ги заменам Стоилов и Пешевски, само треба работа и посветеност

Младиот и надежен ракометар на Пролет, Михаил Аларов, одигра солидна полусезона во Супер лигата, а неговите квалитети ги препозна селекторот на машката ракометна репрезентација на Македонија, Данило Брестовац, кој го стави во репрезентативниот состав за подготвителните пријателски натпревари против Чиле во јануари.

Аларов смета дека е сон за секој спортист да настапува за својата репрезентација, но и дека дадената шанса и минутажа на терен максимално ќе ја искористи и оправда дадената доверба од селекторот.

„Секако дека е предизвик да се биде дел од една репрезентација и тоа е сон на секој спортист да го облече репрезентативниот дрес. Овие контролни натпревари претставуваат можност за докажување и оправдување на дадената доверба од страна на селекторот и целокупниот стручен штаб. Можам да ветам дека со максимално залагање и пожртвуваност ќе ја оправдам довербата“, вели Аларов за 24Ракомет.

Тимот на Пролет обезбеди место во плеј-офот, но наредните натпревари ќе бидат многу потешки отколку овие есента. Аларов смета дека неговата екипа има квалитет, но и шанси да се пласира во најдобрите екипи, со што би обезбедиле и учество во европските купови.

„Морам да признаам дека оваа година во Суперлигата има доста кандидати за титулата, и тоа ја прави поинтересна за разигрување во плеј-офот. Нашите амбиции се јасни и зацртани, а тоа е место во Европа. Сметам дека имаме квалитет како тим, одлична атмосфера владее меѓу нас ракометарите, со работа како и до сега сметам дека е достижно местото во Европа“, продолжува Аларов.

Младиот ракометар игра на позиција пикер, а моментално Стојанче Стоилов и Жарко Пешевски ја делат минутажата во репрезентацијата на таа позиција. Смета дека нив може достојно да ги замени, но за тоа треба уште многу време и посветеност.

„Да се заменат незаменливите е многу тешко. Големи натпревари и успеси има зад овие две имиња, како на репрезентативно така и на клупско ниво. Може да се обидам достојно да ги заменам, а за тоа е потребно уште многу работа, посветеност како и големи натпреварувања“, заврши Аларов.

Покрај Аларов и Пешевски, селекторот Брестовац за јануарската акција во рамките на ЕХФ неделата, ги повика Филип Арсеновски од Еурофарм Пелистер 2 и Милан Лазаревски од Металург на пикерската позиција.