Митревски перфектен, на Порто му нема рамен во Португалија

Екипата на Порто каде што настапува репрезентативниот голман Никола Митревски забележа уште една лесна и убедлива победа во домашното првенство совладувајќи ја екипата на Боа Хора на гостински терен со 20:32.

Порто одигра фуриозно прво полувреме и многу рано го реши натпреварот. На паузата Митревски и соиграчите имаа големо водство од 18:7. Второто полувреме го одиграа рутински и го задржаа максималниот ефект во лигата.

Тренерот Андерсон ја подели минутажата на двајцата голмани. Никола Митревски имаше уште еден одличен настап на голот на Порто и за 30 минути забележа седум интервенции од 14 удари за високи 50% одбранети удари.

Порто на 20 одиграни натпревари има исто толку победи и сигурно чекори кон освојување на нова шампионска титула во португалското првенство. Во следното коло Митревски со својот тим ќе биде домаќин на Мадеира.