Миркуловски се потсети на ЕП 2002: Бевме аутсајдери, но се боревме за медал

Еден од ракометарите кои го одбележаа Европското првенство за младинци во 2002 година во Полска, Филип Миркуловски учествувал во креирањето на новата книга „Пенал за финале“, која е дело на Марко Миркуловски, но вели дека се сеќава само на делови од она што се случуваше на тоа првенство.

На вчерашната промоција во изјава за 24 Ракомет тој кажа како се одвивало создавањето на оваа книга и колку имал тој удел во истата.

„Имав мало учество во креирањето на книгата. Татко ми повеќе се сеќава на она што се случуваше пред 20 години. Јас тогаш имав 19 години. Ме прашуваше за некои детали, а тоа што го знаев му одговорив. Имав мало влијание на книгата“, изјави за 24 Ракомет, Филип Миркуловски.

Иако од прилика знае што е содржано во книгата вели дека допрва ќе има можност да ја прочита бидејќи сакал да го добие финалниот производ и да ужива во читањето.

„Сакав прво да излезе во пишана форма за да ја прочитам како што треба. Ми ја даваше и претходно, но реков дека ќе ја прочитам откако ќе излезе од печат. Многу сум возбуден бидејќи знам колку нѝ значеше тоа Европско првенство и колку тој медал ни значеше. Сепак, ете буди и некои жални чувства. Како што кажува и самиот наслов „Пенал за финале“ го имавме. Жално е, но ќе можеме со книгата да се потсетувамена тие моменти. Имавме феноменална атмосфера во таа репрезентација. Сите бевме како едно и можеби и затоа успеавме да го постигнеме тој успех. Можеби не толку со квалитет колку што имавме желба и мотив за да успееме“.

Од тоа првенство се сеќава дека никој не сметал сериозно на Македонија, но и дека другите селекции имале играчи кои подоцна направија големи кариери.

„Почнавме како аутсајдери. Никој не ни даваше шанса за да поминеме понатаму бидејќи бевме во тешка група. Игравме против Чешка со Филип Јиха, Данска секогаш беше јака, Србија и Црна Гора, Хрватска… Ние се изборивме за полуфинале. Тие настапи против Филип Јиха, против Данска со Могенсен, полуфинале против Билецки, Јурецки… Со Јиха и понатаму сме во контакт и тој уште го споменува тоа првенство. Тоа се убави спомени кои остануваат“, изјави Миркуловски за 24 Ракомет.

Книгата „Пенал за финале“ ги содржи сите важни моменти од растот на репрезентацијата која во 2002 година дојде до 4. место на Европското првенство, а еден шут, еден гол ги делеше момците од освојување на голем медал.