Миркуловски: Бевме перфектни во секој поглед, вчера ги прочитавме Данците

Големиот борец кој многу и недостигаше на Македонија на последните големи натпреварувања, Филип Миркуловски синоќа уште еднаш заблеска во дресот со број 13 против Данска.

Денеска еден ден после големиот резултат можеше смирено да ги искаже своите видувања за она што се случи синоќа на теренот во салата во СЦ „Борис Трајковски“.

„Можеби не планиравме да се пласираме со овој натпревар на Европското првенство, но се случи и тоа чудо го победивме светскиот и олимписки првак. За мене лично јас одамна немам победа против репрезентација од класата Топ 3 што ми е многу драго. Сите се надевавме на чудо и сите одигравме тактички добро и бевме подготвени. Сите го дадоа и својот максимум, знаеја каде треба да бранат, каде треба да напаѓаат така што само треба да продолжиме во овој ритам, со оваа посветеност и да бележиме нови победи“, рече Миркуловски.

Тој смета дека сега улогите на поискусните и помладите се изменети, но сите заедно одново можат до убав резултат.

„Помладите порано ни помагаа на нас, сега ние сме тука да им помогнеме на нив. Тие се во главна улога и тие треба да ја преземат лидерската улога во следните години. Зборувам за Талески-Велковски-Кузмановски како бековска тројка. Одиграа сосема зрело и добро го отворија натпреварот, а ние им помогнавме во продолжението така што сè функционираше како што планиравме“.

Неговото видување е дека вчера Македонија беше речиси перфектна на теренот.

„Можеби Данска нè потцени, но ние бевме речиси перфектни. Според мене во одбраната одигравме сосема добро, ги затворивме сите нивни акции и игра еден на еден. Добро ги прочитавме, па потоа беше доста тешко да се вратат назад. Данска беше фаворит, но ние го диктиравме темпото во текот на целта средба“.

Овие натпревари против актуелниот светски и европски првак се големо искуство за младите и секако поттик за во иднина.

„Ние го направивме чудото, а сега одиме да се покажеме во едно убаво светло и да одиграме нова коректна средба. Ова да биде уште едно плус искуство за младите на гостински терен и да прикажат нова добра игра. Ако ни се отвори како во Скопје и таму ќе се обидеме да одиме на поволен резултат“.

Инаку, за реваншот очекува помала минутажа бидејќи одамна нема одиграно толку време на еден натпревар и во напад и во одбрана.

„Сигурно нема како на првиот натпревар. Одамна немам толку голема минутажа во двата правци. Потешко ми е, но ќе се потрудам. Јас поради ова и се откажав од репрезентацијата бидејќи не можам да го издржам тој ритам на Светски и на Европски првенства, каде се игра секој ден или секој втор, па сигурно ќе имам помала минутажа в недела“, изјави Миркуловски.

Репрезетативците денеска тренираат во Скопје, а утре заминуваат за Данска каде што в недела го играат натпреварот на кој треба да се потврди добрата форма презентирана на првиот дуел.