Металурзи ги чека пекол – ќе играат пет натпревари за седум дена!

По исцрпувачкото долго патување до Леон и враќањето во Скопје, ракометарите на Металург нема да имаат многу време за одмор.

Веќе во вторник, на 24 ноември ги чека нов двобој од Лигата на Европа. Во СЦ „Јане Сандански“ ќе гостува австрискиот тим Фајверс, а следните два дена ќе се играат две заостанати средби од Суперлигата.

На 25 ноември, тимот од Автокоманда треба да гостува кај Младост во Богданци, додека следниот ден, на 26 ноември металурзи ќе се соочат со досега непоразениот Бутел Скопје на гостински терен.

По ден пауза, на 28 ноември, Металург дома ќе се сретне со Прилеп во натпревар од 9 коло во Суперлигата, додека на 1 декември македонскиот претставник го чека нов дуел од Лигата на Европа против полскиот вицепрвак Висла Плоцк.

Нема да биде лесно за металурзи, особено што имаа долга пауза поради карантинот и малку тренинзи, но тренерот Димитриоски веројатно ќе комбинира со играчкиот кадар на суперлигашките средби, за да ги има сите подготвени за двобоите од Лигата на Европа.