Металург убедлив против Еурофарм Пелистер 2

Ракометарите на Металург забележаа нова победа во Суперлигата, откако во Автокоманда беа подобри од составот на Еурофарм Пелистер 2 со убедливи 34-18.

Битолчани добро парираа и држеа резултатска рамнотежа до 8-8, но тогаш како да застанаа. Во последните осум минути од првото полувреме не постигнаа ниеден погодок, а примија дури седум, па Металург водеше со 15-8 на паузата.

Во второто полувреме имаше слична приказна. Грешките на гостите беа казнувани од растрчаните металурзи, па до крајот немаа домашните поголеми проблеми да го затворат натпреварот со конечни 34-18.

Најдобри стрелци кај победникот беа Чантурија со шест погодоци, како и Лазаревски, Поповиќ и Јагуриновски со по четири. Кај Еурофарм Пелистер 2 се истакнаа Стефан Талевски со шест и Дарио Петровски со пет погодоци.

Овој натпревар не им донесе ништо ново на двата ривали. Металург ќе игра во плеј-оф, а битолчани ќе мораат да разигруваат во плеј-аут.