Металург РА со суперлигашни заслувања до третата победа во Првата лига

Ракометарите на Металург РА засилени со неколку играчи од суперлигашот Металург на свој терен во Автокоманда ја забележаа третата  победа сезонава во Првата машка лига откако целосно го надиграа составот на Кичево со 43:31, во натпревар од 17. коло во Групата Б. И со новите бодови скопјани остануваат на претпоследното место, но сега се на „минус 3“ до Кичево кој е пред Металург РА на табелата.

Екипата на Кичево во првото полувреме парираше десет минути и во преостанатиот дел од средбата не можеше да се носи со поискусниот противник, кој за денешниот натпревар доби засилување во името на Александар Петковски, Велко Марковски, Димитар Бардакоски, Даниел Дупјачанец и Дамјан Субашевски. Меѓу новите лица беше и тренерот од првиот тим на Металург, Игор Котевски.

Токму Петковски беше еден од предводниците во домашната екипа во првите 30. минути. Кичево беше рамноправен противник само во воведниот дел кога резултатот беше 7:6 за Металург РА. Од минута во минута растеше водството на домаќините, кои речиси секоја грешка на противникот ја казнуваа со погодок и на пауза заминаа со убедливо водство од плус шест гола разлика, 19:13.

Водството од плус шест гола разлика на Металург РА беше зголемено на плус седум, 20:13, со првиот погодок на Гилев. Расположените ракометари на Кичево од првото полувреме, Тасески и Мирчески, беа целосно затворени во поголемиот дел од второто полувреме, така што избраниците на Драган Кузманоски немаа многу опции во нападот. Веќе во 40. минута при резултат од 28:16, јасно беше дека домаќините ќе имаат лесна задача во наредните дваесетина минути.

Најефикасен на натпреварот беше ракометарот од редовите на Кичево, Александар Мирчески со 12 постигнати погодоци. Во победничката екипа се истакна Дамјан Наумовски со девет, како и Александар Петковски и Бојан Гилев кои постигнаа по шест погодоци.