Металург пред елиминација од Европскиот куп, загуби против Дуделанж

Ракометарките на Металург доживеаја висок пораз на гостувањето кај Дуделанж од 18:27 во првиот натпревар од Европскиот куп и се многу блиску до елиминација. Утрешниот реванш натпревар кој повторно се игра на теренот на противникот најверојатно ќе биде формалност и тимот од Автокоманда ќе ги заврши европските настапи.

Уште од почетокот на натпреварот тимот од Луксембург имаше предност, поведоа со 5:2, но во продолжение следуваше добар период на Металург на преземање на водството. Во 15. минута, Гугуљанова погоди за 6:5, но ова водство траеше кратко и беше единственото на Металург на натпреварот.

Дуделанж имаше целосна контрола во продолжение од средбата и имаше доминација на натпреварот. До крајот на првите 30 минути домашниот тим имаше и четири гола разлика, но на одмор замина со предност од два погодока, 12:10.

Во второто полувреме играта на Металург се распадна и негативата постојано се зголемуваше. Веќе во 45. минута резултатот беше 20:14 со што се најавуваше висок пораз на Металург. До крај на натпреварот Дуделанж само ја потврди победата и веројатно пласманот во следното коло од Европскиот куп.

Најефикасна во екипата на Металург беше Ива Димитриевска која постигна шест гола. Јана Калајџиевска имаше четири погодоци, додека по два гола постигнаа Ивана Арсениевска и Мила Трајковиќ. Предводнички на Дуделанж до победата беа Виртц и Коларели-Карара со по седум гола.

Реванш натпреварот се игра утре со почеток во 18 часот на кој формално Металург ќе биде домаќин, но и овој натпервар ќе се игра на теренот на Дуделанж во Луксембург.