Металург почна со подготовки, Велко Маркоски се појави на првиот собир (ФОТО)

Ракометарите на Металург кои немаат репрезентативни обврски денеска стартуваа со подготовките за вториот дел од сезоната, па кратката пауза е веќе завршена. Тренерот Зоран Кастратовиќ ги собра ракометарите така што веќе почнаа тренинзите и во следниот период ќе има доста напор бидејќи деновиве тимот заминува за Франција каде ќе се играат контролни натпревари.

На првиот собир денеска во салата во „Автокоманда“ се појави и Велко Маркоски. Ракометарот кој мораше да се врати во Скопје поради повреда и ќе го пропушти Европското првенство дојде да ги види клупските колеги, но јасно е дека нема да може да тренира во следните 2-3 недела, па ќе ги чека колегите да се вратат од Франција за да им се придружи на тренинзите.

Поради тоа што недостигаат ракометарите кои се со репрезентацијата на Македонија на ЕП: Серафимов и Танкоски, како и Чантурија и Кбилашвили кои се со Грузија на тренинзите се појавија и дел од ракометарите кои настапуваат за втората екипа. Тие ќе треба да ги пополнат испразнетите места за да може да се работи квалитетно во следниот период до комплетирањето на составот.