Металург денеска го напушти Скопје, подготовките продолжуваат на Маврово

Ракометарите на Металург од денеска се селат на Маврово каде што ќе продолжат со подготовките за новата сезона. После една недела во Скопје сега следува засилување на темпото во Маврово каде што веќе се наоѓаат и ракометарите на Еурофарм Пелистер.

Според она што е најавено од страна на тренерот Зоран Кастратовиќ на Маврово ќе се продолжи со кондициските тренинзи, но во исто време ќе се почне и со засилување на темпото на тренинзи на тактичко-технички план.

Со оглед на тоа што првата средба за Металург во новата сезона доаѓа на крајот од месецот веќе мора да се почне и со работа на тактичко-технички план што значи дека тренинзите во Маврово ќе треба да го дадат правецот во формата.

На подготовките во Маврово, тренерот Зоран Кастратовиќ на располагање ќе ги има сите ракометари и сите ќе можат да се обидат да се наметнат за место во тимот. Со оглед на зголемената конкуренција ќе може и поквалитетно да се одработи.

Инаку, првите контроли за Металург ќе дојдат на струшкиот турнир од 12 до 16 август.