Мајиќ верен на Бутел Скопје: Македонија е една од земјите каде се игра најдобар ракомет во Европа!

Интернационалецот од Црна Гора, Мирко Мајиќ ќе продолжи со настапите за тимот на Бутел Скопје. Тој го стави потписот на нов договор и ќе продолжи со настапите и во следната сезона.

Договорот е на една година така што тој ќе биде дел од таборот на суперлигашот од Скопје и во новиот шампионат.

Се работи за еден од подобрите ракометари на позицијата лево крило во првенството на Македонија и е меѓу поефикасните во Супер лигата во последните неколку сезони. Пред да дојде во Бутел Скопје го носеше дресот на Радовиш.

„Од сезонава сум задоволен, бевме блиску до остварување на целите што ни беа зацртани, иако за жал поради ситуацијата не стигнавме до крајот. Сепак РФМ донесе правилна одлука за сите инволвирани во ракометот, бидејќи ќе беше лошо ако се продолжеше првенството после голема пауза. Пресуден фактор што решив да продолжам во Бутел е одличниот колектив што го имаме. Сметам дека без добар колектив нема успех и нема резултати. Можам слободно да кажам дека во Бутел играм со најдобри момци во мојата кариера, а овде сум прифатен како да сум Македонец, а не странец. Клубот е стабилен и немаме проблеми со финансиите, бидејќи сметам дека тоа е најважно за секој спортист. Ракометот не е се во животот, туку градењето добри пријателства, а јас стекнав многу такви во Македоија и среќен сум поради тоа. Новиот систем во лигата догодина, носи и нови предизвици. Секако нашите цели се познати, останав овде затоа што имаме амбиции да бидеме во врвот на македонскиот ракомет, а јас сум таков спортист што има високи амбиции и резултати – тоа ми е во крвта. Ако работиме квалитетно сите заедно, сигурно најмалку ќе ги повториме минатите успеси. Се радувам и на новата соработка со Кристијан Грчевски, и мислам дека може многу да научам од него, со заедники сили ќе одиме кон нови успеси. Со нетрпение го чекам стартот на новата сезона, која ќе биде многу интересна, Македонија е една од земјите во Европа во кои се игра најдобар ракомет!“, вели Мајиќ.

Со ова Бутел Скопје си ја реши дилемата за позицијата лево крило и може вниманието да се насочи кон другите позиции.