Матлиески: Се вративме од минус шест, но го немавме завршниот удар

Тимот на Пролет го доживеа првиот пораз во Суперлигата, откако на својот терен загуби од големиот ривал Бутел Скопје со 21-24.

Тренерот Никола Матлиески и покрај поразот, сепак нема забелешки за играта на своите избраници.

„Имаме градско ривалство со Бутел, но ова беше натпревар како и секој. Тие имаа поширок ростер на играчи, поискусни. Заслужено победија. Ние дадовме се од себе, се вративме од минус шест до минус, но го немавме завршниот удар. Има уште многу да се игра до крајот, а ние ќе се трудиме да се прикажуваме во подобри изданија. Никој не се надеваше дека првиот пораз ќе го имаме дури во 8. коло“, вели Матлиески за 24Ракомет.

Тренерот на Пролет вели е тешко да се издржи ритамот со тенката клупа, но дека до крај ќе се борат за место во разигрување за титулата.

„Можеби репрезентативната пауза остави некоја трага врз нашиот клуб. Секој дуел го играме со седум или осум играчи, многу тешко е да се идржи тој ритам, имаме на клупа многу млади ракометари и не можам да сметам премногу на нив, но оние кои се на терен го даваат максимумот и немам забелешка за нив. Нашата цел е на секој дуел да дадеме максимум, а желбата е да играме во плеј-оф и ќе се бориме до крај за тоа. Сакам да гледам борба на моите играчи и нивен напредок, и се надевам дека против Струга ќе успееме да славиме во среда“, заврши Матлиески.

Следен предизвик за Пролет ќе биде гостувањето во Струга во 9. коло од Суперлигата.