Матлиески прозиваше, Пролет со Ангелов ги стартуваше подготовките

Со вчерашниот тренинг и официјално беше означен стартот на подготовките за вториот дел од сезонава, во која тимот на Пролет повторно ќе атакува на висок пласман и излез во ракометна Европа.

Тренерот Никола Матлиески ја одржа првата прозивка во 2020 година, на кој присуствуваше и големото засилување, голманот Петар Ангелов. Голем плус за тимот ќе биде и враќањето на бекот Александар Василевски, кој се рехабилитираше од тешката повреда на коленото заработена во текот на минатата сезона.

Матлиески и челниците на клубот изразија оптимизам дека ќе се продолжи со добрите игри и во преостанатите натпревари од Супер лигата, а потоа дополнително ќе се крене формата за дуелите од плеј-офот, во кој Пролет повторно ќе има можност да ги одмери силите со најдобрите екипи од македонската ракометна сцена.

Според планот на стручниот штаб, во првата фаза од подготовките ќе се тренира два пати дневно до крајот на јануари. Потоа ќе следат и низа на пријателски натпревари на кои ќе се темпира формата за стартот од вториот дел од сезоната, закажан за крајот на месец февруари.