Матлиески за 24 Ракомет: Ja имавме прочитано играта на Металург

Екипата на Пролет го надигра составот на Металург во салата „Македонско сонце“ и освои три многу важни бодови откако победи со 29:26. Со тоа плеј-офот доби на динамика и на возбудливост и јасно е дека сезонава ќе има многу надигрување.

Пролет беше во предност од почеток до крај, па немаше проблеми да слави на овој дуел.

„Квалитетно работевме во текот на целиот подготвителен период и оваа победа е плод на добрата работа на тренинзите. Целата заслуга за овој триумф оди на играчите кои беа максимално посветени така што успеаја она што се договаравме да го одиграат и да се изборат за бодовите“, вели за 24 Ракомет тренерот на Пролет, Никола Матлиески.

Добрата подготовка за средбата била клучот на она што било направено денеска на теренот и според тренерот Матлиески момците одработиле како што тој планирал и посакувал.

„Добро бевме подготвени за она што не очекува денеска. Ја прочитавме играта на Металург. Знаевме каде и како ќе напаѓа и тактички добро бевме поставени. Имавме одлична стратегија при што не загубивме ниту еден дуел во играта еден на еден“.

Со оваа победа на Пролет работите во плеј-офот се менуваат, но тренерот на овој тим вели дека цврсто стојат на земја.

„Не гледаме така на работите дека со оваа победа ни се отвораат шанси за третото место или нешто повеќе. Ние стоиме смирено и сега во нашите мисли е следниот предизвик. Во следното коло играме против Еурофарм Пелистер 2 и размислуваме само за тој натпревар.

Тимот е веќе формиран, па сега на сите позиции има квалитет така што може да се одговори на потребното.

„Имаме солиден ростер. Добивме и на искуство и на квалитет, а знаеме што сакаме да играме и подготвени сме а сето она што ни претстои. Имаме простор за напредување, а имаме и играчи кои можат да влезат во ротација. Тоа се квалитетни играи кои се борат за минутажа и се подготвени за максимум за секој од натпреварите“, изјави Матлиески за 24 Ракомет.

Ова е веќе вторпат после натпревар против Пролет во Металург да има смена на тренерската позиција така што гостувањата кај овој тим не им одговараат на „металурзите“, но некако Пролет предводен од Матлиески се навикна на добри резултати против тимот од Автокоманда.