Мартинс е далеку од Вардар, во комбинација е „новиот“ Скубе!

Португалскиот плејмејкер Мигел Мартинс се чини дека е се подалеку од дресот на европскиот шампион Вардар. Тој има договор со Порто до 2023 година, а според тамошните медиуми, португалскиот првак не е расположен да го ослободи Мартинс во ниеден случај.

Во комбинација за една од најчувствителните места во тимот влегува „новиот“ Скубе, како што го нарекуваат ракометните стручњаци, Лук Стеинс. Најдобриот холандски ракометар во многу елементи од играта потсетува на словенечкиот плејмејкер, а во моментов е член на францускиот тим Тулуз.

Стеинс потекнува од тимот на Ситард, потоа го носеше дресот на холандскиот првак Лионс, пред да се пресели во тимот на второлигашот Маси во Франција. Две сезони беше член на Трембле, а лани дојде во составот на Тулуз и се обврза на верност до следното лето.

Сезонава беше еден од најдобрите играчи на Тулуз и постигна 57 голови на 18 натпревари. Проблем за евентуалната преселба во Скопје ќе биде неговиот договор со францускиот клуб, но и голманот Кантегрел беше во слична ситуација, па ќе дојде во Вардар.

„Црвено-црните“ веќе ги обезбедија потписите на Томислав Јагуриновски, Дмитри Санталов, Робин Кантегрел и Филип Талески, а деновиве Вардар би требало да донесе и десен бек, па стратегот Стевче Алушовски ќе има конкурентен состав и за домашна и меѓународна сцена.