Марковски за 24Ракомет: Металург е амбициозен проект, кој може да прерасне во убава приказна

Од денеска екипата на Металург има нов тренер, а на клупата седнува поранешниот играч на овој клуб, битолчанецот Иван Марковски. Откако во последните месеци беше без ангажман после враќањето од Франција со ова тој се враќа на тренерската работа и добива голем предизвик бидејќи доаѓа во екипа која имаше лош старт на плеј-оф сезоната.

Марковски со Металург договори соработка од две и пол години и тоа ќе биде доволно долг период да ги спроведе на дело своите идеи.

„Металург е клуб со голема традиција кој е меѓу најдобрите покрај Вардар и Пелистер. Без разлика на резултати кои годинава се постигнати се работи за клуб кој има одлично минато. Уште кога стапивме во контакт со претседателката на клубот, Зорица Блажеска имаше една позитивна енергија за да дојде до соработка. Гледајќи го претходно Металург знам дека има простор за напредок и во моментов резултатите не се реална слика“, вели за 24Ракомет, Иван Марковски.

Тоа што доаѓа во незгоден момент вели дека нема да биде пречка бидејќи верува дека може да се вратат работите на вистинско место.

„Точно е дека се работи за незгоден момент кога сезоната е во полн ек, а Металург има само еден бод од две одиграни средби. Амбициите се да се обезбеди излез во Европа, а името на клубот и реномето кое го име тоа го заслужува. Мислам дека познавајќи се себе си како тренер кој работеше надвор чувствувам дека можеме да направиме позитивна атмосфера и да дојдемедо резултат кој ќе ги задоволни амбициите на клубот“.

За понудата не размислувал многу бидејќи уште од стартот на преговорите успеале да се најдат со она што го замислуваат со раководството.

„Разлислуваме слично со раководството на клубот и на некој начин имаме и иста амбиција. Доколку се сомневав нешто да не биде немаше ниту да прифатам. Верувам во себе, а верувам и во играчите и играчкиот кадар. Со враќањето на Маркоски екипата ќе добие на квалитет бидејќи без него се гледа дека нешто не е како што треба. Имам јасна слика и се надевам дека заедно со играчите ќе успееме да ја вратиме самодовербата. Во моментов сите се разнишани поради сите случувања во клубот, но цврсто сум убеден дека имаме доволно време за да ги поправиме работите“.

Со оглед на тоа што има договор од две и пол години добива доволно време да покаже дека може да го врати тимот на старите позиции.

„Овој проект и мојот ангажман не е краткорочен. Можам да ветам поинаква работа од досега. Не ја занемарувам работата на претходните тренери во клубот, но не е добро кога во еден тим ќе се сменат многу тренери во една сезона. Ќе се потрудам со некои новини кои ќе ги применуваме Металург да стане поконкурентен и ќе го вратиме на победничките патеки. Ветувам работа и од утре почнуваме со тренинзи. Одиме од натпревар до натпревар. Едноставно ќе одиме полека и ќе ја градиме играта и кон остварување на она што сме го зацртале“.

Веќе е познато и кој ќе биде дел од тимот со кој ќе работи, а во екипата се враќа добро познат тренер и специјалист за физичка подготовка на спортистите.

„Во мојот стручен штаб ќе биде вклучен Златко Јанаќиевски. Тој ќе биде задолжен и за физичката подготвеност на екипата. Кога играв во Металург тогаш имавме одлична соработка со него и сметам дека тој е вистинскиот човек за една ваква работа. Добро си го познава својот дел и знам дека ќе го одработи максимално. Низ натпреварите ќе ја видиме и формата и физичката подготовка и верувам дека истата ќе успееме да ја кренеме. Од утре почнуваме да работиме и ќе се потрудиме да ги согледаме сите добри и негативни страни. Се надевам на добра и позитивна реакција“.

Со дел од играчите исто така добро се познава бидејќи со некои од нив додека беше играч ја делеше соблекувалната.

„Со Златко Хорват и Даниел Дупчајанец и досега сме соработувале и добро се познаваме. Покрај тоа Металург има млад потенцијал и кај нив ќе треба да се смени само пристапот кон дресот. Мораме да мислиме на иднината бидејќи не се живее во минатото, но треба да се почитуваат и да се вреднуваат резултатите. Имаме визија, желба, ентузијазам… Наше е да работиме, а раководството да создаде услови за добра работа. Не се сомневам во тоа и затоа ја прифатив оваа понуда. Се работи за амбициоен проект кој може да прерасне во добра приказна“, изјави Марковски за 24Ракомет.

Тој веќе утре стартува со работа со новата екипа. Првиот тренинг го има утревечер и почнуваат подготовките за следната средба која треба да се случи во текот на викендот, а противник е составот на Еурофарм Пелистер 2.